Наследството е чувствително, променливо и него секогаш му се заканува опасност

(Ивона Тричковска и Кристина Бицева [превод] Прирачник за водење инвентар и документирање на културното наследство, Културно наследство - програма за техничка соработка и консултации [Скопје: Министерство за култура на Република Македонија - Управа за заштита на културното наследство, 2007], 22)

Во остварувањето на Визија за напреден третманот на културното наследство се неопходни се сериозни активности во склоп на посебни програми. Во прилог на тоа е и следната листа со приоритети кои се апсолутно комплементарни со стратегиите за развој во секторот на културата, на патот кон градењето на информатичко општество.

Создавање на визуелно подостапна и по можност ГИС (географски информациски систем) и интернет ориентирана платформа за недвижното културно наследство (модел за тоа е токму реализацијата на DIENDICURE). Оваа платформа во која ќе бидат маркирани сите археолошки локалитети и градби, заедно со зоните и степенот на заштита да се инкорпорира со ГИС порталот на Агенцијата за катастар на недвижности (https://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/). Со ова се обезбедува долгорочна и стабилна контрола на градежните работи во заштитените подрачја, а со тоа и превентива од оштетување и заштита на културното наследство. Дополнително, овој систем претставува и практичен инструмент за идните чекори во урбанистичкото и просторното планирање. Оваа платформа да се поврзе со базата на Централниот регистар за културно наследство и да се интегрира со движно културно наследство преку локацијата на која тоа е пронајдено. Во посебен дигитален образец да се води евиденција на целата историја на преземени анализи, мерки на заштита и конзервација со соодветната фото и техничка документација. Предложениот модел подразбира многу повисоко ниво на организација во која задолжените лица би имале можност за измена и дополнување на системот директно од работното место во локалната институција, а информациите во базата до различно ниво на детали би биле достапни на различни категории на корисници. Искуството покажува потреба од различни нивоа на пристап до податоците, во зависност од стручните, професионални и научни компетенции на институцијата од која се пристапува. Секако, привилегираниот пристап за дополнување и измена на податоците треба да биде овозможен исклучиво за лицата кои се непосредно задолжени и одговорни за заштита и чување на културното наследство. Доколку во системот се внесува и документацијата на недвижното наследство и комплетната теренска документација од современите истражувања, ќе се создаде и постојано ќе се надоградува база на податоци од непроценливо значење. Ова, несомнено, придонесува и кон подигање на многу повисоко ниво на заштита на културното богатство, преку процесот на постојана дигитализација и зачувување на податоците на неколку места заради потенцијалната опасност од природни непогоди или незгоди предизвикани од човечка природа.1 Неопходно е системот да биде интернет (cloud) ориентиран, софтверот и базите ќе се наоѓаат на едно место во серверот во Управата за заштита на културното наследство и копија од податоците ќе се чува на друго просторно оддалечено место. Со ова не само што ќе се избегнат трошоците од децентрализирано опремување со скапа опрема на секоја институција посебно, туку и би се стимулирале истражувачите подинамично да ги публикуваат резултатите, заради автоматизираното отворање на пристапот до тие податоци после изминувањето на законски предвидениот рок, со право на првично публикување од раководителот на истражувањето. Овој систем апсолутно би ги почитувал и авторските права и правата на првенство на публикување. Со вака поставени приоритети конечно би излегло од фиоки значаен дел од културното наследство и би се овозможила негова стручна и научна опсервација и евалуација. Зарем постои поголема промоција, демократизација, демонополизација, деконцентрација, децентрализација и поголема транспарентност ако соодветен дел од ресурсите на еден ваков систем се стават достапни за секого преку интернет. Ресурсите од овој систем можат да бидат дел од разни едукативни програми (интернет училишта), инспирација за многу современи културни делувања, но и место каде лица со попреченост би стигнале во допир со културното наследство во една пријателска виртуелна средина. Овој систем е основа за идни виртуелни посети на музеи и археолошки локалитети. Да не зборуваме за брзината со која би се реализирале идни ревалоризации на културното наследство ако секој предмет поседува уникатен дигитален идентификатор (баркод или QR код). Промоцијата и достапноста на културното наследство е базата на овој систем, но собирањето на податоци за бројот и интересите на корисниците на овој систем од аспект на нивната национална, старосна, полова, професионална структура, можат да се употребат како ресурс за креирање на нови политики, стратегии и акции кои ќе таргетираат конкретни групи и акции. Овие податоци истовремено ќе идентификуваат потенцијални недостатоци и ќе стимулираат подобрување и развој на самиот систем. Дел од погоре предложените алатки веќе ги поседува Регистарот на културното наследство на РМ, но како што беше споменато и погоре, сеуште не се користат неговите вистински капацитети.

Создавањето на единствен и унифициран систем за инвентаризација на движното културно наследство како дел од базата на Централниот регистар на културно наследство (Податочен модел за информативниот систем на културното наследство на Република Македонија, Национален инвентар на културното наследство, јавно достапен на [http://www.niskn.gov.mk/Impresum.aspx] со информации за него на [http://uzkn.gov.mk/aktivnosti.html] е основниот суштинскиот елемент неопходен за високо ниво на третман кој ќе одговара на современите стандарди. Создавањето на овој систем да биде организирано на принцип на советувања со мали кругови на специјалисти во истражувањето, чувањето и заштитата на конкретни типови на културно наследство (керамика, архитектонска пластика, монети итн.) и задолжително со присуство на лица со досегашно искуство во работата со такви системи и претставници од IT секторот. Како неразделен дел од системот за инвентаризација, во посебни дигитални обрасци да се наоѓаат и информации за поедини анализи и преземените мерки на заштита и конзервација, како дигитални досиеја за предметите во прилог со целокупната фото и техничка документација. Оваа база преку системот за инвентаризација задолжително и постојано да се полни од едуцирани одговорни лица (документатори) во локалните установи.

За реализација на првите две точки, соодветна тежина носи и процесот на иновација при создавањето на овој систем, но и свеста за поширока општествена и социо-културна одговорност. Голем бенефит ќе биде транспарентноста во работата на секоја институција, а системот истовремено може да се користи и за целокупна евалуација на институцијата и на вработените. Ресурсите од системот може да се користат од стручни и научни кадри, но и од културни и туристички оператори во прилог на создавање на патеки за потенцијални корисници со конкретни цели на интерес. Доколку овој систем се гради паралелно со модули за другите категории на културно наследство (етнолошко, историско, книжевно, архитектонско итн.), неговите потенцијали се неизмерливи од денешен временски аспект. Да не навлегуваме во простори кои значат самостојни туристички посети, каде посетителот преку GPS координатите од ГИС системот или преку скенирање на кодови прикачени врз витрините или врз самите градби на археолошките локалитети, на својот уред (паметен телефон или таблет) ќе ги добива потребните информации од регистарот на културното наследство, во алфанумеричка или мултимедијална форма. Системот може да се поврзе и да собира информации од надворешни европски и светски бази на податоци за културно наследство.

Во прилог на подигањето на квалитетот на документирање на културните добра во процесот на заштита и спасување, неопходна е набавка на GPS инструменти, тотални станици и електронски нивелири за секоја институција посебно. Други алатки што полека стануваат неопходен дел во процесот на документирање се беспилотните летала – дрон, и опремата како гео-радар, ласер скенер, 3D скенер за движен материјал, примената на Lidar технологија на теренско снимање и секако, соодветен софтвер и компјутерски системи за кабинетска обработка на податоците. Сите овие технологии одат во прилог на што е можно полесно идентификување на зони на заштита базирано врз конкретни податоци. Сето ова бара едукација и вработување на кадар кој ќе ги врши снимањата и истражувањата и ќе ја одржува опремата.

Со оглед на комплексноста на целокупните природни и општествени прилики од кои потекнува културното наследство, неговото разбирање и следствено заштита, не може да се замисли без широк интердисциплинарен пристап и примена на најсовремените егзактни физички и хемиски анализи. Многу значаен чекор е кохезија и калибрирање на податоците со проучувањата од областите на климатологијата, физичката антропологија, генетиката, геологијата, геофизиката (последици од земјотреси и вулкани), вулканологијата, биологијата, бактериологијата, епидемиологијата, ботаниката, зоологијата итн. Единствено преку таков интердисциплинарен пристап ќе се овозможи корекција и „егзактификација“ на досегашните истражувања, вршени воглавно со доминантна примена на културно-историскиот метод. За таа цел е неопходно создавање на високо опремени лаборатории, едукација на кадар во смисла на тимови и набавување на соодветен хардвер и софтвер за анализа на резултатите. Истражувањата и анализите би ги воделе тимови од млади кадри кои би се едуцирале и надградувале во своите полиња на интерес преку интердисциплинарни проучувања, пронаоѓајќи го така секој своето место, а под менторство на истакнати научници од државава или од странство. Лабораториските анализи на културното наследство директно го подигаат нивото на негова заштита преку добивањето на поголем фонд на егзактни податоци коишто се неопходни за процесот на негова ефективна заштита.

За ефективно управување со наследството неопходно е да го познаваме што е можно подобро

(Myriam Goblet, “Comparative Summary of Documentation Systems - RPSEE Countries,” in Integrated Management Tools in the Heritage of South-East Europe, ed. Robert Palmer and Robert Pickard [Strasbourg: Council of Europe, 2008], 147)

Проектот „Дигитални средини за дигитални културни вредности - Просторна ГИС базирана платформа за напредно ниво на менаџирање и анализа на податоците од Централниот регистар на културното наследство на Република Македонија – („DIGITAL ENVIRONMENTS FOR DIGITAL CULTURAL REALITIES (DIENDICURE) - Spatial GIS-based platform for advanced level of management and analytics on the data of the Central register of the cultural heritage of the Republic of Macedonia –“), e финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Министерството за култура на Република Македонија, а имплементиран од ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп под раководство на м-р Христијан Талевски, асистент-истражувач. Проектот е финансиран во склоп на Програмата за одбележување на Европската година на културното наследство 2018.

Во глобални рамки, културното наследство е силен и атрактивен фактор и со користење на Географски информациски систем е можно да се активира нова динамика за одржлив развој и квалитетно искористување на ресурсите. Новите технологии во оваа област нудат неограничени можности за заштита и презентација преку иновации и креативност во користењето на информатичките технологии за третман на културното наследство преку: обезбедување на повисоко ниво на заштита, зачувување, пристапност и дифузија на релевантни информации; точни одговори на прашања за зачувување, управување и промоција; нови патишта и различни начини за елаборација на знаењето, со акцент на поттикнување на перцепцијата на заеднички комплексен европски идентитет во поширок контекст.

Географскиот информациски систем (ГИС) е многу практичен инструмент кој нуди неограничени можности за адаптирање спрема потребите. Добро е познато и тоа дека ГИС претставува систем за поврзување на алфанумерички и мултимедијални податоци во многу погодна форма за презентирање. Тој овозможува, голема количина на информации од различен вид, да биде лесно достапна, лесна за надградување, изменување и презентација и исклучително компатибилна со различен софтвер.

Преку користење на иновативни ГИС напредни и најдобри практики за дигитална имплементација во интерактивна и контекстуализирана средина, DIENDICURE претставува повеќенаменски и иновативен производ, лоциран во виртуелен простор. Иновативен од аспект на визуелните, естетските и креативните искуства од користењето на платформата. Во последниве години, сведоци сме на постојан растечки тренд во користењето на дигитални и квантитативни методи за проучување на развојот на античките градови и нивната околина. Секојдневно станува сè послободен пристапот до големи количини на податоци за археолошкото културно наследство како резултат на напредокот во користењето на информатички технологии во комбинација со археолошката интердисциплинарност. Овие бази на податоци често се извонредни во разновидноста на потенцијалите кои ги нудат. Просторните податоци, честопати стекнати со напредни геофизички и методи на снимање од висина, нудат сеопфатна слика за археолошките локалитети не само на регионално ниво, туку и на целата нивна комплексност во пошироки географски рамки но и во контекст на комплексните мрежи во кои тие егзистирале.

Културното наследство нуди огромно поле за иновации со широка и одржлива перспектива за развојот. Aктивностите коишто беа предвидени и замислени како пилот проект, доведоа до производ којшто во иднина треба да се развива и усовршува, сè со цел да се овозможи соодветен современ третман на разновидното и богато културно наследство на Р Македонија. Овој Проект припаѓа во сегментот на надградба на постоечкиот информациски систем за културно наследство и истиот може да се инкорпорира со регистарот на движно културно наследство. Ова е возможно затоа што базата на податоци која ќе се користи е комплементарна со таа во Управата за заштита на културното наследство. Наједноставно кажано, со реализацијата на овој проект се понуди еден специфичен иновативен приод (не уникатен) во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тука се земени во предвид и две, во Република Македонија релативно занемарени домени на културното наследство, поседувањето на силна едукативни и економски потенцијали. Предложената платформа е минимумот што во оваа фаза може да се направи во прилог на развој на стратегијата за развој на културата, поточно во сферата на археолошкото културно наследство. Предложениот проект е само еден мал чекор во остварувањето на јасната визија за подигање на свеста за користењето на современите технологии и методологии за соодветен современ третман на археолошкото културно наследство преку користење на неинвазивна методологија.

Финалниот продукт од Проектот претставува просторна визуелизација на неколку селектирани пејзажи и средини, стратифицирани во текот на изминатите векови, изградена врз основа на достапни релевантни податоци за недвижното археолошко културно наследство. Со ригорозен пристап во обработката на податоците преку користење на слободен софтвер и информации за теренот на Р Македонија, податоците се достапни во виртуелна средина автентична на природната. Во оваа средина се пристапува до детални просторни информации за локалитетите кои се предмет на овој Проект. Под детални се подразбира географски и просторни информации од секој вид, вклучително, и податоци за хронологијата на развојот на градбите и на целите населби, за нивната локација, степен на заштита и загрозеност. Врз тие податоци можат да се вршат мерења и анализи на повеќе нивоа. ГИС платформата како дефиниран сет од методи, софтвер и технологии развиени специјално за складирање, мапирање, геолошка, хидролошка и просторна анализа ќе нуди потенцијал за интегриран приод, кој може да се користи за истражување и промоција. Најголемото достигнување е обезбедувањето на слободен интернет пристап до дел од ресурсите вградени во системот, со цел истражување и промоција на овој мал дел од богатото културно наследство на Р Македонија.

Превенцијата од оштетување и мониторингот врз културното наследство, преку користење на современите дигитални технологии, се вистинската заштита на културното наследство. Овој Проект е базиран на применети меѓународни стандарди, нови технологии и методи и докажани, најдобри практики во функција на унапредување на заштитата на културното наследство. Истовремено, овој продукт ќе се користи за негова презентација и популаризација. Со отворањето на пристапот до овој систем се постигнува повисоко ниво во користењето на културното наследство во функција на негова одржливост. Тоа е наша обврска, и поддршката и понатамошното развивање на системот ќе биде силна стимулација во менаџирањето на културните ресурси, зајакнување на основата за соодветен развој, заштита и валоризација на спомениците на културата, но и генерално, за унапредување на постојниот кон одржлив туризам во иднина. Се надеваме дека стекнатото искуство при развивањето на моделот и развиената методологија, ќе најде свое место во практичната реализација на стратегиите на Управата за заштита на културното наследство и на Министерството за култура на Р Македонија.

Создавање на географски информациски систем, менаџирање и генерално координирање на проектот

Христијан Талевски, магистер по археологија, асистент истражувач во ЈНУ Институт за старословенска култура - Прилеп

WebGIS и интернет страна

Ѓоре Милевски, софтверски инженер и ГИС техничар (Центар за истражување на предисторијата)

Детално теренско моделирање на дигитални теренски модели

проф. д-р Ивица Милевски, Природно-математички факултет, Институт за географија

Генерирање на топографски податоци

Моника Андрееска, дипломиран географ - насока географски информациски системи

Примарна дигитализација на археолошка граѓа

Кире Палески, дипломиран информатичар, информатичар во ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп

Лиценца

https://creativecommons.org/licenses/by-sa/3.0/

• Talevski, Hristijan, Vasilija Chali, Nita Mucha, and Emanuele Brienza. “Report on the GIS Pilot-Project on the Archaeological Site Stobi.” Arheološki Informator I (2017): 175–87.

• Талевски, Христијан. “Проучувањето на населбите и третманот на археолошкото културно наследство во Република Македонија, приод, истражување, заштита и публикување.” Balcanoslavica 40–44 (2015): 185–95.

ЈНУ Институт за Старословенска Култура - Прилеп

Адреса: Кичевско Џаде бб, 7500 Прилеп, Република Македонија

Тел.: +389 48 412 715

contact: contact@diendicure.mk